Илиевски: Ќе дојде денот кога некој сериозно ќе одговара за се што и прави на Македонија
Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и вечерва се прошета низ скопските улици.
Од влада, покрај канцеларијата на шефот на државата па до Собрание демонстрантите и вечерва испратија иста порака.
Тие побараа од претседателот Иванов да ја заштити сувереноста и унитарноста на државата.
Еден од организаторите на протестите Богдан Илиевски рече дека ќе дојде денот кога некој сериозно ќе одговара за се што и прави на Македонија.
-Дали оние кои не се препознаваат во химната се препознаваат во моделот на вработување по партиски клуч наречен „нишај врата, земја плата“. Дали оние кои се чувствуваат малку лошо бидејќи химната на Република Македонија не го одразувала карактерот на земјата каков тие го чувствуваат, како се чувствуваат кога под истата химна ќе потпишуваат тендери и договори за јавни набавки. Како се чувствуваат оние кои не се пронаоѓаат под македонското знаме, во химната, кога стануваат министри, па милионери. Дали ознаките на оваа земја не им пречеле во нивниот раст и развој како политичари, како богаташи. Тоа се работи кои секој од нас има легитимно право да им ги постави. Или да им го даде одговорот, ако тие не сакаат. Еден ден на избори, рече Илиевски.
Тој рече дека битката која ја водат е битка за правда и од љубов кон татковината.
-Ќе дојде ден кога некој сериозно ќе треба да одговара за се што и прави на Македонија, а до тој ден ние немаме друг избор освен отпор кон неправдите, кон уривањето на темелите на државата, отпор кон сите злонамерници во и околу Република Македонија. Ви гарантирам дека еден ден, ќе победиме. Ако тие победат ќе ја загубиме државата, а тоа не е опција, дециден беше Илиевски.
