ИЈЗ: Во мусаката и на три чешми во училиштето „Димо Хаџи Димов“ се најдени фекални бактерии
Во примерок од мусаката која се служела во прва смена во училиштето „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае се најдени грам негативни бактерии од групата на Enterobacteriaceae, фекални бактерии кои исто така се пронајдени и на три чешми во училиштето, соопшти Институтoт за јавно здравје (ИЈЗ).
После денешната прес-конференција добиле нов резултат од узорцираниот примерок од мусака која се служела во прва смена во училиштето и во неа се најдени грам негативни бактерии од групата на Enterobacteriaceae, фекални бактерии кои исто така се пронајдени и на 3 чешми во училиштето.
„Бројот на земени примероци и пристигнати материјали е екстензивен, и материјали за анализа се уште пристигнуваат“, велат од ИЈЗ.
Во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае на 26 ноември голем број ученици се пожалија на стомачни тегоби. Надлежните институции соопштија дека од кујната на основното училиште се земени мостри од храна, вода, брисеви од површини и вработени, кои се очекува да бидат познати во текот на денешниот ден. Дел од децата завршија во болница.
