Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИГРА НА НЕРВИ СО ПАРТИСКИ СООПШТЕНИЈА - кој е поблиску до правење влада

ИГРА НА НЕРВИ СО ПАРТИСКИ СООПШТЕНИЈА - кој е поблиску до правење влада

Игра на нерви со политичкиот противник или реален успех во преговорите. 

И двете најголеми политички партии, и денеска, кко и претходните денови, не прекинуваат со партиски соопштенија. 

Социјалдемократите и денеска повторуваат дека СДСМ води сериозни преговори за формирање на влада со полн четиригодишен мандат, која ќе обезбеди прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и имот на секој функционер.

„Новата влада посветено ќе се зафати со борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа – без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат.

Приоритет е прочистување на правосудството, а заедно ќе договориме и ќе воспоставиме систем за проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер“, велат социјалдемократите.

Додаваат дека судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат владеење на правото во кое законот е еднаков за сите. 

„Судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам. Ќе биде извршена темелна ревизија на 5 отсто од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор.

Следува разрешница на сите предмети отворени од Специјалното јавно обвинителство.

Изминатите две и пол години ги создадовме сите услови, го донесовме Законот за јавно обвинителство, кој гарантира дека политиката не може да се меша во судските одлуки, а сите предмети за висока корупција мора да имаат судска разрешница.

Во следниот, четиригодишен мандат ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро да работиме во интерес на граѓаните“, се вели во партиското соопштение.

Возврати ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо СДСМ да ги лаже граѓаните преку бледи и стерилни соопштенија, нека одговори со кои партии ќе обезбеди мнозинство и кој ќе биде премиер.

На граѓаните преку глава им е од лагите на СДСМ.
Граѓаните на Република Македонија знаат дека СДСМ нема да обезбеди подобра иднина.
СДСМ со својата влада изминативе години донесе само корупција, криминал и хибриден режим.
Лагите на Заев веќе не поминуваат, прочитани се.
Заради тоа што Заев и власта беа фрлени на криминал Македонија секој ден тонеше се повеќе и повеќе.
Граѓаните не ги заслужуваат овие погубни политики на СДСМ и Заев. Граѓаните заслужуваат многу подобро“, соопштија од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Најдоцна до четврток шефот на државата Стево Пендаровски, треба да го додели мандатот за формирање на нова влада.

Слично

Поврзани вести