Идната недела започнува „битка“ за заменици и директори
СДСМ ќе има нови преговори со коалиционите партнери за поделба на заменичките министерски места, како и на директорите на јавни институции под надлежност на владата.
Од разговорите кои ќе се одвиваат периодов се очекува договор дека Албанците ќе имаат четири или пет позиции заменици-министри. Во игра се финансии, МВР, транспорт и врски, образование и одбрана. Ако во овие министерства заменици бидат од албанските партии, нема да им следуваат други раководни позиции во истите сектори. Засега се разговара за три заменички места за ДУИ и две за Алијансата за Албанците, информира Алсат-М.
Имињата кои се вртат во јавноста за МВР, но кои остануваат неофицијални се Блерим Беџети и Зимри Ќамили од редовите на ДУИ, но и Зулфи Адили, ако бројот на заменици е петмина. За финансии се шпекулира името на Агон Ферати ако Алијансата за Албанците добие заменик-министер во финансии, но тука не се исклучува ни името на Илми Азири.
Најсигурно име за заменик-министер се шпекулира поранешниот потпретседател на Собранието, Рафис Алити. Извори на Алсат М објаснуваат дека името на Алити се споменува за во Министерството за транспорт и врски. На тој начин би се релативизирале можните незадоволства од огранокот од Сарај, кој на овие избори не доби ни еден министер, за разлика од Гостивар, кој има вицепремиер и министер.
Иако во централното раководство на ДУИ не било потенцирано, Алсат М дознава дека неодамнешниот избор на ДУИ за во новиот кабинет предизвикал реакција во ограноците на оваа партија кои во форма на незадоволство ги зголемиле барањата да бидат застапени во изборот на кадрите во вториот и третиот ешалон.
Извори велат дека внатрепартиската војна во ДУИ помеѓу ограноците од Куманово, Чаир, Сарај, Тетово, Дебар, Струга и Кичево се води за добивање на што повеќе останати позиции како заменици-министри, директорски места и државни секретари.
