Идната амбасадорка на САД во Скопје најави борба против корумпираните „играчи“ и „независност“ од Русија
Анџела Прајс Агелер, номинирана од претседателот Џо Бајден за нова амбасадорка на САД во Скопје, најавува дека ќе и помогне на Македонија во борбата со корумпираните „играчи“. Ова дипломатот го најави на сослушувањето во Сенатската комисија за надворешни работи, пренесува Гласот на Америка.
„САД и Северна Македонија имаат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Доколку бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери“, рече Прајс Агелер во истакнувањето на своите приоритети во Скопје.
Таа додаде дека ќе ја поддржува и економската иднина на Македонија преку политики за зајакнување на инвестициската клима, зајакнување на инфраструктурата, подобрување на енергијата и стабилноста.
Прајс Агелер најавува и „градење отпор на малигни надворешни влијанија, вклучително и од Русија и Кина“.
Агелер, исто така, рече дека САД ја поддржуваат Северна Македонија во нејзината долготрајна цел за пристапување во ЕУ.
На сенаторско прашање, таа рече дека во Македонија „има голем број иницијативи за чиста енергија кои ќе им помогнат да се оддалечат од зависноста од Русија“.
Таа додаде дека очајно е потребна иницијатива за подобрување на целокупното владеење на правото во земјата.
Доколку биде потврдена за амбасадорка, Агелер рече и дека ќе работи на стратешкиот дијалог меѓу двете држави, преку продлабочување на воената соработка.
