Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ицо Најдовски објаснува зошто во Австралија се самопопишаа мал број Македонци

Ицо Најдовски објаснува зошто во Австралија се самопопишаа мал број Македонци

Ицо Најдовски, д-р по историја, Македонец кој живее во Австралија објаснува дека неколку причини доведоа до тоа македонското население на овој континент да има слаб одзив на електронскиот попис кој заврши неодамна. 

Најдовски вели дека македонската заедница, и организации не биле информирани за процесот до денот на започнувањето на пописот. Друг фактор е и недовербата во самото попишување на иселениците. 

„Во Австралија Македонците не се попишаа на пописот 2021 година од повеќе причини. Пред сѐ преовладува македонската национална свест која е присутна кај сите Македонци. Знаете дека Македонците од Австралија се многу тесно поврзани со татковината Македонија и секоја неправда, нелегална и неуставна операција ја осудуваат и се спротивставуваат. Така беше и со пописот. Ние знаевме дека пописот е партиско - политичка операција на Заев и Ахмети со цел да се искористи за идните политички планови на овие владеачки партии. Веднаш забележавме дека Методологијата на пописот не беше во согласност на Евростат и ОН. Исто така споредбите ги влечевме и од пописот на Австралија кој се реализираше во само еден ден на 10 август 2021 година. Знаеме дека пописот во Македонија започна во април и траеше до крајот на септември. Ваква статистичка операција не е забележана во демократски држави“, рече Најдовски. 

Има забелешки и во однос на пописниот форумулар. Вели дека тој бил  провиден.

„Беше со многу намерни пропусти како што беше попишување на роднини со сведоци! Потоа пописот попишуваше лица кои живеат во дијаспората, операција која ниту една држава не ја реализира. Сметаме дека за домашна употреба на статистичка операција нема потреба да се попишуваат иселениците. Австралискиот попис попишува само лица кои се наоѓаат во домовите на денот на пописот и толку. И врз основа на потребите на попишаните лица се креира иднината на државата и употребата на државниот буџет. Со попис на иселениците и нивно внесување како бројка придонесува да се манипулира со буџетот на Македонија во општини каде што не живеат луѓе или помал е нивниот број. Ние исто така веруваме дека пописот беше наменет за да се промени демографскиот изглед во Македонија. Со овој нелегален и нелегитимен попис ќе се промени и процентот на малцинствата или етнички заедници наспроти македонскиот народ. Оваа фиктивна бројка ќе се реализира како основана и легална и ќе се исколчи реалноста и бројот на Македонците како мнозински народ“,  вели Најдовски. 

Додава дека тие не веруваат во институциите раководени од оваа власт, предводена од Зоран Заев и Али Ахмети, и вели дека таква одлука донеле на големата демонстрација на 4 март 2018 година каде што беа присутни скоро 60.000 Македонци. 

„Од тогаш до денес ние не соработуваме со институциите на Северна Македонија затоа што како таква и не ја признавме. Нашата држава и татковина е Македонија“, кажа Најдовски. 

Додава дека според пописот во Австралија има над 93.000 Македонци, но смета дека таа бројка реално е поголема и дека може да се изнесува и 300.000. 

Одзивот беше слаб во Австралија, но голем број наши државјани се попишале во Швајцарија и Германија.  Во Австралија се попишале 3.171 македонски државјанин, во Канада 1.874,  а во  Нов Зеланд само 196. Во Австрија се попишале 11.758, во  Белгија 4.845, во Германија 46.590, во Данска 4.317, во Италија,  28.476, во Турција 2.388, во Швајцарија 65.064 луѓе. Вкупно се попишаа 204.805 нашинци во странство. Електронскиот попис ни покажа дека Македонците живеат во над 170 земји во светот. Македонци има на Сејшелите, Бермудите, Кајманските Острови, Маврициус, Малдивите, Фарските Острови, и многу други места на планетата. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести