И ВО ВТОРОТО ПОЛУГОДИЕ НАСТАВАТА ПРОДОЛЖУВА ИСТО КАКО И ДОСЕГА - само еден отсто од наставниците и учениците се разболеле од ковид
Министерката за образование и наука Мила Царовска денес одржа онлајн состанок со директорите на основните и средните училишта од целата држава во врска со спроведувањето на наставата во првото полугодие од оваа учебна година.
На состанокот, директорите на училиштата истакнале дека иако на почетокот на училишната година отпорот кон онлајн наставата беше голем, сепак хибридниот модел ги даде посакуваните резултати во вонредни околности во какви што се работеше изминатите месеци.
„Со над 90 отсто ученици коишто успешно следеа онлајн настава, со помалку од 1 отсто активни случаи на Ковид-19 кај наставниците и учениците кои посетуваа настава со физичко присуство и со редовна динамика на емитување на часови на македонски и албански јазик на Националната телевизија слободно можеме да кажеме дека успешно го заокруживме првото полугодие. Наставниот материјал е поминат според предвидените скратени програми, а учениците се оценети“, рекле директорите на состанокот.
Министерката Царовска потенцирала дека со хибридниот модел на настава: онлајн, со физичко присуство и со емитување на часови на телевизија се постигна континуитет во наставата.
„Огромна благодарност до директорите, наставниците, учениците и родителите коишто со силна посветеност и ангажман направија се успешно да се реализира наставата во услови на пандемија“, рече Царовска.
