И тетовскиот огранок му го сврте грбот на Касами
Откако утрово Билал Касами успеал да влезе во седиштето на партијата БЕСА во Скопје за што има извештаи дека била применета сила, сега пристигна информација од тетовскиот огранок на движењето кое јавно соопшти дека стојат за новоназначениот привремен претседател Неџбедин Каремани кој е инаку пратеник токму од тетовскиот регион.

Најпрво скопскиот огранок на посебен состанок на централниот совет донесе одлука да му „раскине“ на Касами врз кого се врши притисок да ја прифати одговорноста за поразот на локалните избори и да си поднесе оставка. Потоа следеше и кумановскиот огранок на БЕСА кој исто така застана зад одлуката Каремани да ја води партијата до планираниот прв Конгрес кон крајот на февруари.
Сега и од претставници на БЕСА кои се претставуваат како тетовски огранок исто така порачаа дека ќе поддржат кандидат кој ја обединува партијата, а не зад Билал Касами. Инаку првично кога се одржа состанок на централниот совет на БЕСА во Тетово биле повикани претставници од сите ограноци, но од скопскиот кој прв се одметна не дошле.
Касами имаше првично поддршка од партиската организација на БЕСА во Тетово, но се чини дека и во овој град паѓа во сенка на Каремани.
Од тетовскиот огранок порачуваат дека во БЕСА нема поддршка за локализми, и дека овие несогласувања се одлика на внатрепартиска демократија и дебата што е нормално за голема организација.
Засега не е јасно каква е состојбата во седиштето на БЕСА во Скопје бидејќи се чека на интервенција на полицијата, а можно е и лица кои не се согласуваат со Касами да им се спротистават на групата на негови поддржувачи и да се вратат во Мавровка.
