Економија, финансии, бизнис

Контакт

И светот е еден манастир каде што човек треба да Го пронајде Бога и да живее во заедница со Него: Разговор со старешинката на манастирот Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, монахиња Касијана

И светот е еден манастир каде што човек треба да Го пронајде Бога и да живее во заедница со Него: Разговор со старешинката на манастирот Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, монахиња Касијана

Во непосредна близина на Дебар или поточно на самиот влез, каде што е селото Рајчица од чии возвишенија се пружа незаборавен визуал кој повеќе личи на визум, слика на фантазијата отколку на реална и покрај тоа што природата е објективна, исто како и нејзината божествена убавина, вклучително и силата која ни ја дава Бог - Создателот и Господарот на светот каде што човекот е ништожен во споредба со него, се наоѓа манастирот Свети Георгиј Победоносец, еден од четирите метоси на Бигорски. Црквата се одликува со неверојатно привлечен фрескоживопис во изразита сина боја, типична за прочуениот рекански зограф, а благозвучните, прекрасни гласови на монахињите за време на богослужбите, кои пеат на неуми, ги будат верата, љубовта, надежта во секој што присуствува на нив, често заборавени поради бремињата со кои се соочуваме речиси секојдневно што, пак, раѓаат стравови. Тие ги земаат. Нивниот аскетски живот, духовната и морална чистота и секако, послушанијата проследени со постојано молитвење за сите нас - обичните луѓе, вклучително и добротворството, секогаш ни го привлекуваат вниманието, патем обземајќи нѐ желба да разговараме со нив.

Старешинството ѝ е доверено на монахињата Касијана од страна на сестринството и Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј кој ни даде благослов за да го направиме интервјуто. Земајќи го предвид фактот дека почнуваат божиќните пости (денеска, 28 ноември), прашањето за нив е неминовно за истите да не се догматизираат, но и за монахувањето, и за симболизацијата на потстригот кога се замонашуваат, и за типикот со чиишто правила (монашки) дејствуваат сообразно, раководени од нив, и за совршената изработка на епископските „круни“..., и за чудотворната моќ на светителските мошти... Подолу е одговорот и на прашањето за дилемата на многу жени за носењето марама на главата во храмовите, а благородните чувства кои ќе ве обземат додека ги читате нејзините длабоки размисли ќе придонесат и за ваша голема, неискажана радост - задоволство, драгост, веселост. И се разбира, смирение. 

* Имајќи го предвид фактот дека од Вашето замонашување поминаа нешто повеќе од 10 години (март 2012-та), на почетокот на разговорот ќе ни го опишете ли чувството, како се одвиваше или пак во што се состоеше, можете да си припомните? Исто е и денес? Каква е симболиката на потстрижувањето? И секако, дали чинот е од затворен тип, отворен? Кој сѐ може да присуствува на него?

- Тој ден сѐ уште живее во мене со толку силна живост и секогаш ми се чини како да е блиско минато, кое секојдневно се повторува во моето срце. Верувам дека тоа е света тајна, која ја доживува секој монах, т.е. секој што се распнува за овој свет и го прима благиот јарем на монашкиот живот. За возвишеноста и убавината на монашкиот живот мислам дека повеќе од доволно е само да го цитирам нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, Игумен на Светиот Бигорски Манастир, кој со својот преголем духовен опит и длабока љубов кон монашкиот живот, кажа сѐ: „Верувајте, јас секогаш посакувам од Господа да завршам во манастир како МОНАХ! Некои мислат дека тоа е скромно барање, ама за мене тоа е едно можеби многу важно и нескромно барање! Да се заврши во манастир како монах и да се бара Царството Небесно - тоа е најголемо!“. И навистина, зборовите на Старецот се толку длабоки, ја откриваат врховната цел не само на монахот туку и на секој Христијанин! Следствено, крајната цел на секој од нас, без разлика каде сме, дали сме в манастир или во светот - бидејќи и светот е еден манастир каде што човек треба да Го пронајде Бога и да живее во заедница со Него - е да се помириме со Христа, па така да ги стекнуваме потребните сили за сите животни искушенија и предизвици. Он нѐ повикува со Своите прекрасни зборови од Евангелието: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам!“. Бидејќи Он, Христос, е Царството Небесно и само во Него можеме да најдеме есенцијален и нелажен мир!

Самото монашко потстрижување е всушност едно ново свето крштение, еден нов живот во Христа. „И така“, пишува Светиот Апостол Павле, „кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина и, ете, сѐ стана ново“ (2. Кор. 5:17). Тогаш го добиваме новото монашко име и започнува невидливата борба за да заживее новиот човек во Христа, а стариот полека да згасне. Кога сме кај потстригот, сакам да ви споделам една тајна од своето срце. Траен мистичен и духовен печат ми остави тоа што на чинот на монашењето, пред самиот потстриг и добивањето на новото монашко име (Драгана - Касијана), нашиот почитуван Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј ги стави ножиците врз Светото Евангелие и три пати ги повтори истите зборови: „Земи ги ножиците и подај ми ги“.

На таинствен начин повторно ми се откри преголемиот и пречудесен таен Божји совет, ме трогна несфатливата Божја милост и ми го потресе целото мое битие. Зошто? Затоа што јас, најмалата, бев повикана од Најголемиот; јас, грешната, бев пресретната од Безгрешниот, Кој ми ја подаде својата љубов (изразена преку ножиците, како симбол на отсекување на светот и на гревовните желби коишто водат кон смрт и распадливост), како мост од Земјата кон Небото. Го почувствував Неговото крајно смирение. Ме потресе тоа што Он, Преслаткиот, одново го покажа Своето бескрајно човекољубие, се снижи Себеси за да ми се даде Целиот мене, која сум едно големо ништо! Самиот Он ми даде благодат да Го изберам Него, Вечниот, Најубавиот, Животворниот! Слава Му и фала Му за сѐ!!

По сите овие години можам само да потврдам дека сѐ добро што имаме во нас, па макар и еден здив добра помисла, станува по милоста Божја, по мерата на нашето самоодрекување и заради благословот на Старецот.

Вообичаено, монашењето се случува на голем празник, пред сѐ пред небесната Црква, а потоа и пред земската, пред сите оние кои по Божја промисла ќе бидат во манастирот, но и пред сите оние кои со духот ќе бидат сведоци на големата тајна, на тој мистичен брак на душата со небесниот Младоженец Христос.

* Вашето монашко име е Касијана. Сами го одбравте? Грчко е? Има некакво значење? И следователно, како се избираат монашките имиња во Православната црква?

- Монашкото име ми го даде мојот Старец и духовник, Епископот г. Партениј, според името на мојата возљубена небесна закрилница, Светата Касијана (некаде и Касија) Песнописателка, една од најпознатите женски химнографи во Црквата Божја, којашто живеела и творела во 9 век. Таа имала благородно потекло и била многу образована, исполнета со добродетели. Света Касијана се одликувала како со духовна убавина така и со голема мудрост. Во 834 година основала монашко општежитие западно од Константинопол, близу до ѕидините на градот и станала негова прва игуменија. Била голема поетеса и молитвеница на нашата Црква.

Сум сретнала две толкувања на името Касијана. Пораспространетото говори дека името доаѓа од латинската придавка „cassus“ што во превод значи „празен, испразнет“ и во тој контекст, според христијанската смисла, личноста што го носи тоа име треба да биде испразнета од секое зло и егоизам, од распадливите страсти на овој свет, а полна со Бога. Исто така, ова име се врзува и со латинскиот збор „cassis“ што значи „метален шлем“ и во духовна смисла тоа би го означувало „шлемот на спасението“ за кое говори Апостолот Павле во посланието до Ефесјаните.

Меѓутоа, има и друга, според мене поверодостојна, теорија за потеклото на името Касијана. Имено, според некои етимолошки иследувања, тоа доаѓа од старохебрејскиот термин „кеција“ (стгрч. и лат. „касија“) што означува вид на канела, цимет. Во овој случај, името Касија го означува духовното благоухание со кое треба да мириса христијанската душа. Впрочем, личното име Касија го среќаваме уште во Светото Писмо на Стариот Завет каде што читаме дека една од ќерките на Свети Јов Многустрадален се викала така.

Во врска со изборот на монашките имиња, древно предание е во Црквата нив да ги избира Старецот, односно духовникот на новозамонашениот, според некоја духовна карактеристика или асоцијација со светителот/светителката чиешто име ќе го носи или заради големата љубов и посветеност на послушникот кон некој светија. Во мојот пример беа присутни и двете. Мојот Старец г. Партениј од почеток ја знаеше мојата љубов кон Света Касијана, а дополнително тука содејствуваше и фактот што јас во светот бев оперска пејачка и целиот мој живот е поврзан со музиката. Целиот разговор со старешинката на манастирот Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, монахиња Касијана прочитајте го на Женски магазин.

Слично

Поврзани вести