И премиерот делеше пакети со храна за загрозените семејства
Премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска посетија социјално загрозени семејства во Гази Баба и им донираа пакети со храна.
„Тоа се семејства кои се соочуваат со тешко секојдневие, со предизвици што не се гледаат оддалеку, но силно се чувствуваат во секој дом. Луѓе кои и покрај сè, ја чуваат верата, надежта и достоинството. Дониравме пакети со храна, но уште поважно – донесовме порака дека не се заборавени, дека некој мисли на нив и дека државата мора да биде со своите граѓани тогаш кога им е најтешко“, истакна Стефковски.
Тој додаде дека тоа е човечка обврска и вредност што мора постојано да ја негуваме.
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза. Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, напиша премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук.
Православните верници денеска го слават Бадник, а утре е Божиќ.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
