И ПОНАТАМУ ПОВЕЌЕ УМРЕНИ ОТКОЛКУ РОДЕНИ - Македонија го губи населението
Трендот на негативен природен прираст продолжува и понатаму. И последните податоци кои ги објави Државниот завод за статистика за четвртиот квартал од 2023 година покажуваат дека имаме повеќе умрени отколку родени во земајва.
Имено, тие објавија дека бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2023 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 4,5 отсто и изнесува 4.185 живородени деца.
Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2023 година бележи намалување од 1,5 проценти во споредба со истото тримесечје од 2022 година и изнесува 5.028 лицa, а од нив 9 се умрени доенчиња.
- Природниот прираст е негативен, - 843 лица, што значи, за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица.
Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е зголемен за 1,6 проценти во споредба со истиот период од 2022 година и изнесува 2.824 бракови.
Во ова тримесечје добиени се 599 извештаи за разведени бракови - се наведува во анализата на ДЗС.
Бројките од нивната анализа покажуваат во кои реони има поголем негативна ставка, а каде се уште има позитивен природен прираст.Па така Скопје, иако е главен град има негативен природен прираст со 1.384 родени и 1.398 умрени лица. Отстапка во главниот град се општините Бутел, Гази Баба, Чаир и Шуто Оризари.
Сите поголеми градови бележат повеќе умрени отколку родени, а отстапки има во општините каде живеат етнички Албанци, како Арачиново, Тетово, Струга...
