И покрај негодувањето на јавноста: Филипче останува да раководи со здравството во државата
Премиерот Зоран Заев, изјави дека не ги прифаќа оставките на министерот за здравство и неговиот заменик, кои беа понудени по пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица.
Заев ја соопшти одлуката на прес -конференција вчера попладне, откако претходно беше објавен извештајот од форензичка полиција, во кој се наведува дека пожарот го предизвикал краток спој на продолжниот кабел за дефибрилатор, на кој се поврзани полнач за мобилен телефон и друг уред.
„Внимателно ги прочитав наодите од вештачењето на истражителите во тетовската модуларна болница, кои беа објавени денеска. Врз основа на тие и претходно добиени информации, сакам да ја известам јавноста дека нема причина да се лоцира политичка или менаџерска одговорност врз министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, кои поднесоа оставка од морални причини, чекајќи ја мојата одлука“, рече Заев.
Премиерот рече дека надлежните органи ќе ја објават можната грешка предизвикана од човечкиот фактор, нагласувајќи дека на Филипче и Хасани им ја дал довербата да продолжат да го водат здравствениот систем.
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче и неговиот заменик, Илир Асани, понудија оставки два дена по пожарот, со образложение дека тоа го прават од морални причини, но Заев тогаш најави дека за нив ќе одлучи по резултатите од истрагата. Во тоа време оставка поднесе и директорот и економскиот директор на Болницата во Тетово.
Во пожарот што се случи вечерта на 8 септември во монтажниот модуларен центар во Тетово загинаа 14 лица, од кои две, според првичната истрага, не се хоспитализирани, туку членови на семејствата на пациенти.
