И по три години од идејниот предлог на Петрушевска, скопскиот Аквадукт оставен во заборав
Дали знаете дека на само пет километри од центарот на градот се наоѓа скопскиот Аквадукт, споменик на наследството од римскиот период, еден од ретките во Баланот, па и низ Европа. Токму овој локалитет е меѓу најзапуштените во Македонија. Можеби ги знаете Стоби, Хераклеа, античкиот театар во Охрид и многу други локации кои се соодветно заштитени и претворени заслужено во туристички локации. Но, таа судбина за жал веќе три децении на независност не ја споделува Аквадуктот. Архитектката Катерина Петрушевска пред речиси три години промовираше идејно решение за уредување на просторот околу овој споменик, но градските и централните власт сѐ уште не наоѓаат модалитет како да го уредат просторот и да постават соодветни содржини. Со Петрушевска од студиото Доминус и Претседател на ЗЛЕК (Здружение на фирми со лиценца за енергетска контрола) разговараме за потребата од покренување на иницијативи за уредување на запуштени локации кои имаат голем потенцијал да му дадат дополнителна вредност на квалитетот на живот во Скопје, за отсликувањето на политиката во архитектурата и потребата од нова стратегија за развој на градот која ќе биде одржлива и за идните генерации.
Со години градските власти уверуваат дека ќе го уредат просторот околу скопскиот Аквадукт, но оваа локација и натаму останува запуштена, често мета на вандализирање, а објектот е препуштен на забот на времето. Зошто е важен овој историски споменик и како да се заштити?
Петрушевска:Овој монументален споменик е наследство од Римското царство, според други научници е од Византиски период, а трети истражувања го потенцираат Турскиот период на владеење во Македонија. Првиот Скопски водовод со вкупна должина од 385м. Најголем на Балканот. Содржи 55 лаци врз масивни столбови и 42 отвори за олеснување на конструкцијата. Значајно културно наследство на Македонија, претставува значаен репер за историјата на нашата земја како и туристичка атракција која ќе придонесе создавање на јавен простор за настани и можности за развој на буџетот на градот. Во СФРЈ не беше многу актуализиран поради геостратешкиот интерес и заштитената воена касарна, но сега треба да почнеме да размислуваме во правец на културно – економски развој.

Вие понудивте и идејно решение кое привлече големо внимание од јавноста, но дали надлежните го погледнаа проектот и дали е започната формална процедура за уредување на оваа локација?
Петрушевска: Мојата желба беше да започнам или да дадам поттик за размислување и разгледување на можностите за уредување на околниот простор. Секако, дека прво треба ревитализација и заштита на аквадуктот и во 2018г. Министерството за култура предвидуваше таков зафат и тоа беше искажано во јавноста. Потоа би требало да се разгледа сопственоста на земјиштето во непосредна близина и доколку има услови за развој би требало да се распише конкурс за идејно ршение на тој локалитет. Идејата е пласирана на социјалната мрежа Фејсбук, како и на Биенале на Македонската Архитектура (БИМАС) уште во 2018г.
Гостин на изложбата во една прилика беше и градоначалникот на Град Скопје кој покажа голем интерес за идејата, но немам подетална информација за развој на самата идеја од страна на надлежните институции.
Освен аквадуктот во Скопје и неговата околина има голем број на запуштени локации кои може да се трансформираат во зелени катчиња со содржини за граѓаните. И покрај ангажманот на активистите и политичките ветувања и натаму во преден план се големи градежни објекти и претворање на секоја слободна локација во станбени комплекси без доволно зеленило и социјални содржини. Дали е потребен поголем ангажман на архитектите и урбанистите за поддршка на покренатите иницијативи за ваков вид на локации?
Петрушевска: Генерално како општество сме инертни и секогаш кривицата ја бараме во друг. Секако дека е потребен ангажман и искрен пристап од страна на стручните лица, иако сметам дека мислењата се поделени. Сепак, урбанизмот е сериозна дисциплина која има за цел создавање ред на малите структури во градот кои формираат систем но, истиот да е во одржлив развој за идните генерации. Доколку нема можност за организиран развој ќе се создаде предимензионирање или нехуман простор опасен по животната средина и здравјето на сите. Сепак, сметам дека не може од секоја парцела да се прави парк. За тоа треба стручна анализа, но секако Скопје нуди можности за формирање на мали „зелени пјацети“. Како решение го гледам развојот на Скопје вон центарот на градот и околните населби кои своевремено имаа баланс помеѓу станбените и индивидуалните објекти во корелација со зелените површини, но сето тоа станува предимензионирано па и од сообраќаен аспект.

Што мислите за улогата на архитектите во развојот на Скопје особено по големите критики на јавноста за несопирливата урбанизација која се води агресивно и не ги исполнува стандардите за квалитет на живот, а уште помалку се мисли на некаква естетика и оплеменување. Колку гласот на вашата фела се слуша кога се во прашање проекти кои задоволуваат нечии тесни бизнис и партиски интереси, а не интересите на заедницата?
Петрушевска: Отсекогаш архитектурата го отсликува општеството во културна, економска и социјална смисла. Всушност многу често е диктирана од политиките во едно општество. Какви ни се партиите – таква ни е архитектурата. Првата слика за една држава е разгледот на главниот град. Затоа сметам дека и стручната фела но, и останатите чинители во општеството треба да се будни кога се во прашање интересите на заедницата, особено на идните генерации.
Ние имавме среќно детство во 70-те години во Скопје, но што ќе оставиме ние на нашите деца? Улогата на архитектите ја гледам на едно повисоко ниво, а тоа е „Асоцијацијата на архитекти на Македонија“ на која треба сите да и дадеме поддршка како и Архитектонскиот факултет - Скопје. Јас кога студирав по предметот Урбанистичко проектирање имавме студија за населбата „Капиштец“ која е изградена по 80-те која за време на градбата е предимензионирана и по вертикала, па оттаму е спречено и струењето на воздухот од планината Водно кон Скопската котлина, т.е. беше пример како не треба да се работи. Од тогаш навака имаме многу примери како не треба. Исто имавме и студии за развој на Дебар маало, па затоа сметам дека е дојдено време да се изработуваат студии и вон центарот на Скопје и околните населби и да се бара решение за развој на градот по светските примери кое ќе понуди развој на градски структури во еден систем.
Христијан Станоевиќ
