И официјално ќе се дигне акцизата за дизелот
Владината мерка за собирање на повеќе средства во буџетот и како што тогаш беше соопштено да се заштити животната средина со кревање на акцизата за дизел горивата за 3 денари, веќе е официјализирана.
„Владата го разгледа и го усвои предлог законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите со кој се предлага зголемување на висината на акцизата на гасно масло (дизел гориво) кое се користи како погонско гориво и на гасното масло што се користи како гориво за греење, за 3 денари“, соопштија од Владата на РМ.
Следен чекор е предлог законот да влезе во собраниска процедура каде исто така се очекува да добие поддршка, па единствено што ќе преостане е можност пратениците да ја продолжат јавната дебата, особено опозицијата која секако ја критикуваа оваа мерка.Министерството за финансии објави дека за 24 отсто ќе поскапи акцизата за дизел горивата од почетокот на идната година. Од сегашните 12,5 денари за 15,5 денари за литар дизел гориво.
Министерството за финансии очекува вкупен раст на буџетските приливи за 1,95 милијарди денари кои ќе бидат резултат на зголемиот износ на акцизата и ДДВ –то. Од акцизата приходите во буџетот треба да пораснат за 1,6 милијарди денари, а од ДДВ-то кое ќе порасне како резултатот на основицата на која се пресметува приходот ќе порасне за уште 350 милиони денари.
Од Владата и министерството за финансии велат дека не очекуваат притисок врз растот на цените со подигнувањето на цените на дизел горивата. Инфлаторни ефекти постои ризик да има во транспортот, такси превозот, јавниот градски превоз како и во земјоделието, гранки кои многу зависат од цената на дизел горивото.
