И НИМИЦ ПРОГОВОРИ ЗА ОДНОСИТЕ СКОПЈЕ-СОФИЈА: Решението со Бугарија не би требало да се бара 20 години
Поранешниот
преговарач за спорот со името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, сега
проговори и за односите меѓу Скопје и Софија. Во интревју за Канал 5 вели дека
посебноста на македонскиот јазик е светски призната и потврдена во Обединетите
нации
Идентитетот и јазикот, како што посочува американскиот дипломат, не беа дел од Преспанскиот договор, но на маса е ставен од Бугарија. Појаснува дека за грчката страна проблемот не бил идентитетот туку името на јазикот, а во овој случај станува збор за поинаков спор.
-Овие прашања се уникатни, имало ситуации кои биле слични, но и не така слични. Знаете Преспанскиот договор се осврнува на јазикот, не го користи зборот идентитет бидејќи тоа не е правен збор. Македонскиот јазик е прифатен одамна и ширум светот луѓето знаат дека македонски јазик постои. Спорот со Грција не беше воопшто за јазикот туку за името на јазикот. Со други зборови, грчката страна немаше проблем што имате убав јазик, посебен јазик. Но нивниот проблем беше дека ако се вика македонски јазик дека би можело да даде впечаток дека има поврзаност со античките македонци. Спорот со Бугарија е поинаков, во однос на потеклото на јазиците. Јас не сум експерт за тоа, тоа не беше прашање во Договорот од Преспа, но е прашање за кое тие сакаат да разговараат, така што тоа е предмет на дискусија, вели Нимиц за Канал 5.
Амбасадорот Нимиц смета дека не е потребна медијација за надминување на недоразбирањата меѓу Скопје и Софија туку двете страни треба самите да го решат прашањето. Решението со Бугарија не би требало да трае 20 години, вели Нимиц.
-Не би требало да трае ниту 20 месеци, според мене. Но, двете држави треба тоа сами да го решат. Дали им е потребен медијатор или не, треба да одлучат самите, вели поранешниот медијатор за спорот со името Метју Нимиц.
