Економија, финансии, бизнис

Контакт

И на Водици нема одмор за текстилните работници од Истокот

И на Водици нема одмор за текстилните работници од Истокот

А празник, а делник за работниците од текстилната индустрија исто ќе му дојде.

За нив празник не важи па ниту денешниот празник Богојавление -Водици.

Ова го зборуваме за текстилните работници од крајниот Исток кои и денес не беа поштедени од газдите и мораа да се појават на работните места како и вообичаено.

За мали пари и ниски плати, а притиснити од големите газди и денеска повеќето фабрики во Делчевско беа полни од работници.

Така барем се пожалија работнички до нашата редакција .

„И денеска моравме да одиме на работа. Додека нашите сограѓани вработени во државната администрација и јавните претпријатија празнуваат и излегоа да ја проследат традицијата на положување на светиот крст во реката, ние работиме. Вака е за секој неработен ден и за секој празник. За нас нема спојувања. Иако надлежните се заложуваа и ветуваа поинакво функционирање, пред големите бизнисмени сите молчат“, велат револтирани граѓанки кои и се познати на нашата редакција а кои сакаат да останат анонимни поради нивните работни места.

Тие бараат од надлежните да ги зголемат инспекциите во тој регион и бараат да се почитуваат нивните права, а законот да важи исто за сите.

„Кога и да се обиде некој од работниците да прозбори дека е празник, а тоа многу ретко ќе се случи, веднаш ќе слушне изговори дека извозот ќе трпи ако не се работи и дека сега се има многу работа, затоа мора да се оди и не се празнува“, се жалат вработените во текстилниот сектор кој е главна гранка и во Истокот.

Ова не е прв пат, и не и е непознато на јавноста. Оттука се поставува прашањето до кога на работниците ќе им се кршат човековите права во оваа држава и законот нема да важи исто за сите.

Слично

Поврзани вести