И Мухамед Зекири опфатен со измените на Кривичниот законик
Судењето на поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири денеска се врати на почеток поради измените во Кривичниот законик, со кое сега му се предвидува казна затвор од 1 до 5 години, за разлика од претходно, кога му се ставаше на товар кој предвидуваше минимална казна затвор од 5 години а максимална 20 години.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција пред една година ја заврши истрагата и во Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против Зекири дека преку нарачана физибилити студија за евентуална приватизација на АД Пошта и Македонски Железници - Транспорт тој недозволиво прибавил безмалку 1,5 милиони евра лична корист.
Зекири е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување. Во периодот од месец април 2021 година до месец март 2022 година, склучил два договори без јавна набавка.
– Поднесениот обвинителен акт е трансформиран во обвинителен предлог согласно измените на Кривичниот закон од септември 2023, кои што предвидуваат поблаго казнување за обвинетиот. Врз основа на тоа е извршена измена на диспозитивот на сега поднесениот обвинителен предлог во делот на опфатот на законските елементи на кривичното дело кое му се става на товар, образложи обвинителката.
Дополнително, согласно измените на КЗ, сега процесот ќе се води по скратена постапка, според член 470 од Законот за кривична постапка, кој вели дека делата за кои е пропишана казна затвор до пет години, се водат по скратена постапка.
