Економија, финансии, бизнис

Контакт

И Мијалков замина во куќен притвор

И Мијалков замина во куќен притвор

И поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој е еден од осомниченте во случајот „Империја“ доби мерка куќен притвор, откако претходно таква мерка беше изречена за преостаните притворени за случајот, Јордан Камчев, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Цветан Панделевски.

-Постапувајќи по предлог на Специјалното јавно обвинителство судијата на претходна постапка го прифати предлогот за укинување на мерката притвор и определување мерка куќен притвор за обвинетиот С.М. во случајот од Обвинителството означен како „Империја“, соопштија за МИА вчера од Основниот суд Скопје 1.

Апелацискиот суд Скопје на затворена седница за јавноста донесе одлука мерката притвор да се замени со куќен притвор и за Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски, кои се обвинети во други случаи на СЈО.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева смета преиначувањето на мерките притвор во куќен притвор, кое беше направено неделава за осомничени и обвинети во случаите „Империја“ и „Титаник“, по предлогот на СЈО до судот е позитивно за владеењето на правото и за реформите кои се спроведуваат. Уверена е дека лицата за кои е одреден куќен притвор нема да побегнат.

– Во однос на сегашните одлуки за притвореници кои се во случајот „Империја“ и за оние во „Титаник“ за Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски во периодот во кој беа во притвор се прибраа доволно докази и се анализираат сите аспекти за тоа дали и до кога би можеле да бидат во притвор и дали би можело со друга мерка да биде обезбедно нивното присуство. Сметавме дека тоа е добро за реформите, за владеењето на правото овие лица во следниот период да бидат во куќен притвор и тоа е доволно да биде обезбедено нивното присуство, вели Јанева.


Извор: Миа
Слично

Поврзани вести