И „Македонски железници – инфраструктура“ сака барок зграда
„Македонски железници - инфраструктура“ - Скопје бара инвеститор со кој ќе гради шесткатница на местото на сегашните бараки во кои е сместено претпријатието.
Според огласот, најмалку 30% од изградениот објект ќе му припаднат на ова претпријатие за нови административни простории, додека со остатокот ќе може да располага приватниот инвеститор. Процентот на површина што ќе го додели фирмата на јавното претпријатие ќе биде клучен фактор за избор на најдобриот понудувач.
Од инвеститорот се бара да понуди решение во барок, класицизам или неокласицизам стил, а објектот треба да биде изграден со карактеристики на енергетска ефикасност.
Во меѓувреме, понудувачот треба да обезбеди 500 метри квадратни деловен простор во центарот на Скопје за потребите на претпријатието додека трае изградбата.
Бараките на „Македонски железници - инфраструктура“ се наоѓаат на улицата „Јордан Мијалков“ (поранешна „Железничка“), во близина на Министерството за внатрешни работи.
Во близина ќе се гради и уште една барок зграда, во која ќе бидат сместени Геолошкиот завод и Државниот завод за ревизија. Овој објект ќе го гради Службата за општи и заеднички работи на Владата, а за него ќе бидат потрошени 7 милиони евра. Објектот ќе го гради фирмата Бауер БГ.
Слично
