И македонската Влада се откажа од ДДВ-то за донации
Реакциите на јавноста дадоа резултат - и македонската Влада објави дека се откажува од данокот на додадена вредност на телефонските повици за хуманитарна помош на населението во поплавените региони во Србија и Босна и Херцеговина.
„На утрешната седница Владата ќе донесе одлука сите средства кои се собрани преку овие донации, како и ДДВ да бидат пренаменети како донација за настраданите од поплавите. Државата нема да задржи ништо од тоа“, рече владиниот портпарол Александар Ѓоргиев.
Освен ова, в четврток ќе се организира голем хуманитарен концерт во спортската сала „Борис Трајковски“, под мотото „Да се обединиме во хуманоста“.
Влезниците за концертот ќе чинат 150 денари, а сите пари ќе бидат наменети за помош на настраданите во поплавените региони. „Реализацијата на овој настан е еден мал придонес за надминување на катастрофата со која се соочија нашите соседи“, вели министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Со свои претстави и концерти за оваа хуманитарна цел ќе се вклучат сите најголеми културни институции во земјава, кои дел од приходите од продажбата на влезниците ќе донираат за помош на настраданите во поплавите.
Слично
