И Лазаров горд на Вардарци: еве што им порача
Најдобриот македонски ракометар, Кире Лазаров, за хрватските медиуми го анализираше сензационалниот подвиг на Вардар, кој спротивно од очекувањата, стана европски првак. Во сезоната на административна криза, „црвено-црните” покажаа неверојатни карактеристики на врвни спортисти и луѓе, пренесе МИА.
– Ова е бајка, настан за кој ќе се зборува уште многу години. Вардар стана симбол дека е можно и тоа што другите велат дека не е можно. Вардар стана инспирација за сите луѓе во светот, не само на спортистите, туку на сите аутсајдери, ги натера да сфатат дека во животот најважно е да веруваат, крваво да работат и да ги потрошат и последните капки крв и пот за да ги исполнат своите соништа.
Тие момци седум-осум месеци немаа земено плата. Пред две години кога станаа европски прваци, беа финансиски моќни и тоа не беше големо изненадување. Но, тоа што се случи годинава е нешто поинакво. Во меѓувреме си заминаа неколку важни играчи, никој не им даваше шанси дека ќе избора „фајнал-фор“, а камоли да станат прваци, вели Лазаров.
