И КОВАЧЕВСКИ ЈА ОСУДИ РУСИЈА: Ова е напад врз територијалниот интегритет на Украина
Премиерот Димитар Ковачевски преку својот Твитер профил ја осуди одлуката на Руската Федерација да ги признае регионите Донецк и Луганск во Украина како „Народни Републики“.
Премиерот Ковачевски на социјалната мрежа напиша:
„Ја осудувам одлуката на Русија за признавање на Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики“.
Ваквиот чин е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и кршење на договорите од Минск и одлуките на Советот на ООН од 2015.
Заедно со НАТО сојузниците повикуваме на решавање на конфликтот по дипломатски пат.“
Инаку Владата денеска, ќе ја одржи редовната 16-та седница, на која меѓудругото на дневен ред ќе се најде и Информацијата за безбедносната ситуација во и околу Украина и за потребните мерки за осигурување на безбедноста на членовите од Република Северна Македонија во Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина.
