И КОМПАНИЈАТА НА МОЈАТА СОПРУГА ИМА ПРАВО ДА УЧЕСТВУВА ВО ПРАВНИОТ ПРОМЕТ НА ДРЖАВАВА - Ковачевски не гледа конфликт на интерес
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека нема конфликт на интереси со владината одлука - компанијата, каде што има удел неговата сопруга, да дооформи градежна парцела во Радовиш на државно земјиште, по цена од 70 денари за метар квадратен, истакнувајќи дека е изземен од одлучување и присуство на седница доколку се дискутира за правни субјекти наведени во неговиот анкетен лист. Додава и дека уредбата за определување на цените на земјиште е објавена на 17 октомври 2013 година, донесена од страна на Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ
-Јас и членовите на моето семејство тоа што го поседуваме е многу јасно и транспарентно наведено во анкетниот лист што го имам поднесено во ДКСК и таму може точно да се види каде јас имам удел, каде член на моето семејство има удел пред да стапам на функција. Второ, согласно со тој анкетен лист од моја страна поднесен до ДКСК, јас имам испратено и известување до вицепремиерот за добро владеење и до генералниот секретар на Владата во којшто нотирам и информирам дека доколку на седница на Влада се дискутира или се одлучува за точки поврзани со правните субјекти наведени во мојот ажуриран анкетен лист, објавен на ДКСК на нивниот веб сајт, моето учество треба да се изземе од одлучување и присуство на Владата, за што треба генералниот секретар да ме информира, за што ме информирал, заради спречување на каков било конфликт на интереси – вели Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање по промоција на првиот дигитален асистент во јавниот сектор.
Додаде дека тоа се однесува секаде каде што функционер, кој е дел од Влада или од која било друга институција, има удели, бидејќи, како што кажа, има свој удел и акции во друга компанија која што е една од најголемите компании и исто така во таа компанија не учествува во одлучување по точки за таа компанија.
-Меѓутоа таа како и секоја друга компанија има право врз основа на закони да учествува во правниот промет во државата заедно со сите други правни лица. Што се однесува до овој конкретен случај, прво уредбата за определување на цените на земјиште е објавена на 17 октомври 2013 година, донесена од страна на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Значи оваа Влада не носела никаква уредба за определување на цени- рече тој.
Ковачевски исто така рече дека Општина Радовиш има преземено надлежности за располагање со градежно земјиште во државна сопственост на 6.12.2012 година, исто така во време на влада на ВМРО-ДПМНЕ и Општина Радовиш и во моментов е раководена од градоначалник кој е избран од редовите од страна на граѓаните, меѓутоа предложен од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Општина Радовиш ја спроведува целата постапка и она што Владата го носи, одобрува спроведување на постапка со оглед на тоа дека се работи за објект којшто подоцна претставува општ интерес.
-На седница на Влада оној кој раководи со точката тој ја потпишува одлуката која што се носи во време кога раководи со точката. И затоа можете да видите дека има одлуки на Владата, кои се потпишан од претседател на Влада, меѓутоа има одлуки што се потпишани од другите вицеппремиери, доколку претседателот на Влада не бил присутен на седницата кога одредена точка се расправала или доколку не бил присутен на целата седница на Влада – рече Ковачевски.
