И Интерпол во потрага по петмината бегалци од „Крвавиот четврток“
Петмината бегалци од „Крвавиот четврток“ кои се осомничени од страна на Јавното обвинителство за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, покрај домашната полиција ќе ги бара и Интерпол.
Министерството за внатрешни работи преку канцеларијата на Интерпол во земјава, распиша меѓународна потерница за Никола Митревски – Кољо, Александар Василевски – Нинџа, Младен Додевски, Дејан Давидовски и Митре Питроповски, кои досега се бараа само со домашна потерница.
Кривичниот суд во Скопје кон средината на минатиот месец на петмината во отсуство им одреди мерка притвор од 30 дена, со што веднаш штом ќе станат достапни за органите на прогонот ќе бидат спроведени во истражен затвор.
Тие се дел од 36-те осомничени за кои ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција на 28 ноември, минатата година отвори истрага за насилствата во Собранието.
