И ЕП го осуди видеото на Ангел Џамбаски во кое вели дека Македонија е бугарска
И Европскиот парламент го осуди скандалозното видео на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.
Скандалозниот предизборен спот на Џамбаски од партијата ВМРО-БНД на вицепремиерот и министер за одбрана, Красимир Каракачанов предизвика голема загриженост и осуда и во Европскиот парламент.
Андреас Шидер (Австрија), кој е претседавач на делегацијата на ЕП за соработка со Македонија, заедно со двајцата потпретседатели, Ирена Јовева (Словенија) и Марион Валсман (Германија) излегоа со заедничко соопштение.
„Изразуваме длабока загриженост за неодамнешното видео од европратеник, во кое се поставуваат територијални претензии кон Северна Македонија од страна на партија дел од бугарската влада и се покажува отворено непочитување на европските вредности, само заради политичка кампања. Ова е во спротивност со основните принципи на ЕУ и Договорот за добрососедски односи меѓу двете земји. Длабоко жалиме што видеото отворено не го почитува напредокот и напорите направени од Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, како што признаваат Европскиот парламент, институциите на ЕУ и нејзините земји-членки“, стои во изјавата.
Во неа понатаму се додава дека „Европската унија има за цел да ги промовира мирот, нејзините демократски вредности и благосостојбата на граѓаните, да ги надмине историските разлики и да работи заедно за заедничка иднина. Ние инсистираме дека Бугарија и Северна Македонија треба да ги продолжат своите напори за добрососедски односи и сите активности што го нарушуваат овој дух треба да се избегнуваат и да се сметаат за неприфатливи“.
Европратениците ја повикуваат бугарската влада и премиерот Бојко Борисов да го осудат ова видео кое, како што велат, промовира националистички идеологии.
„Затоа, ја повикуваме бугарската влада, вклучително и премиерот, да го осуди ова видео издадено од нивниот владин партнер и да се дистанцира со најјасни изрази од каква било воспалителна реторика која сака да добие политички поени и да промовира националистички идеологии. Потсетуваме дека политиката на проширување мора да биде водена од објективни критериуми, а не да биде попречена од еднострани интереси. Ја повторуваме поддршката на Европскиот парламент за стратешкиот избор на земја за нејзино интегрирање и за крај на членството во ЕУ, засновано на владеење на правото, отворен демократски дијалог, мултиетничка хармонија и добрососедски односи. Повикуваме на брзо усвојување на рамката за преговори, со цел да се избегнат понатамошни одложувања и да се одржи првата меѓувладина конференција за почеток на пристапните разговори за време на португалското претседателството и со тоа да се признаат напорите на земјата во процесот на пристапување во ЕУ“, стои во реакцијата.
Шидер, Јовева и Валсман ги претставуваат трите најбројни политички групи во Европскиот парламент.
Во видеото имаше кадри од Скопје и Охрид. Џамбаски порача дека Македонија е бугарска, а премиерот Зоран Заев како и да се врати, Албанија ќе биде на запад.
