Економија, финансии, бизнис

Контакт

И ДОМ ПРОТИВ ИДЕЈАТА НА ПРЕМИЕРОТ ЗА ДАНОК ЗА ОНИЕ КОИ НЕ СЕ ВО БРАК: Oва претставува недозволив и опасен преседан

И ДОМ ПРОТИВ ИДЕЈАТА НА ПРЕМИЕРОТ ЗА ДАНОК ЗА ОНИЕ КОИ НЕ СЕ ВО БРАК: Oва претставува недозволив и опасен преседан

ДОМ се јави со реакција за најавеното воведување данок за немажени и неженети лица. 

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) изразува сериозна загриженост поради најавата на премиерот Христијан Мицкоски за можноста од воведување данок за немажени и неженети лица. Ваквата најава велат дека претставува недозволив и опасен преседан кој директно ги повредува темелите на уставниот поредок, човековите слободи и начелата на еднаквост.

Во Македонија, Уставот во член 9 гарантира дека сите граѓани и граѓанки се еднакви пред Уставот и законите, без оглед на нивниот личен статус. Воведување даночен товар врз основа на брачен статус е директна дискриминација и грубо кршење на ова уставно начело.

„Дополнително, ваквата мерка е во спротивност со Европската конвенција за човекови права, конкретно член 8, кој ја гарантира правото на почитување на приватниот и семејниот живот, и член 14, кој забранува дискриминација при уживање на правата и слободите утврдени со Конвенцијата. Во доменот на фискалната политика, предлогот е и против основните начела на даночната правда, односно на правичноста, неутралноста и еднаквиот третман на даночните обврзници. Даночниот систем не смее да се користи како алатка за морална или социјална санкција, туку како инструмент за праведна распределба на товарот и за создавање еднакви можности“, велат од ДОМ. 

ДОМ повикува на итно повлекување од оваа идеја и отворање на сериозна јавна дебата за правичен и недискриминаторски пристап кон демографските политики. Длабоко се уверени дека општеството не се гради со казни, туку со поддршка, еднаквост и почитување на човековото достоинство.

Слично

Поврзани вести