И денеска полиција во ДИК, се води истрага за нападот
Портпаролот на Државната изборна комиисија, Адмир Шабани, брифира дека и денеска стручни лица се во просториите на комисијата по пријавата дека официјалната изборна страница со посебно мени за прикажување на податоците на изборните резултати е хакерски нападната веднаш откако беше затворено гласањето на парламентарните избори во средата вечерта.
„Нашиот информатички тим успеа да ја нормализира веб-страната. Резултатите може да се видат и кој било да провери детално. Во делот на хакерскиот напад, условнио кажано, на платформатам тој е пријавен и тимови доаѓаат тука и вршат истраги“, рече Шабани во вестите на „Сител“.
Претходно, претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, рече дека поради истрагата на МВР, сајтoт нема да се ажурира, туку изборните податоци ќе бидат објавени на табела.
Од МВР вчера официјално соопштија дека се води истрага, но не можат да потврдат дали воопшто имало хакерски напад, кој стои зад него, дали е од Македонија или од странство. Секторот за компјутерски криминал при МВР веќе ги зема податоците од ДИК.
„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи ги презема соодветните мерки и активности со цел расчистување на овој случај“, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
