И денеска има реакции за изборот на Ислам Абази за шеф на обвинителството за организиран криминал
Не стивнуваат реакциите за изборот на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Коментар даде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Јавна тајна е, кажа Мицкоски, дека се работи за уште еден партиско-политички договор во власта.
„Само исто така е јавна тајна дека таму имало две струи, едните за едниот, другите за другиот, па победил овој. Продолжува партизацијата и затоа следната анкета нема да биде довербата во судството и обвинителството е осум проценти, туку ќе биде еден, два или три проценти. Претпоставувам дека тоа се овие неколку фамилии кои што се денеска во власта и од ДУИ и од СДСМ“, изјави Мицкоски.
Од Левица велат дека слабостите и недореченоста на Законот за јавни обвинители ја исполни долго посакуваната желба на ДУИ да инсталира свој човек на чело на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. „Вмешаноста на ДУИ во изборот на Абази е провидна поради тоа што во целост отсуствуваат објективните критериуми на компетентност, искуство, програма и цели. Имено, самиот Абази потврди дека немал никаква програма, а за позицијата се „изборил“ по пат на комуникација со неговите колеги. Биографијата на Абази на судскиот портал е скромна и содржи само 35 пресуди и судски одлуки, а во неговата 10 и пол годишна кариера нема речиси никакво искуство со гонење на организирал криминал и корупција. Понатаму, иако новиот шеф на ОЈО ГОКК категорично негираше било каква поврзаност или контакт со некој од ДУИ, во јавноста протекоа фотографии на кои Абази може да се види со Фихри Ахмети (брат на Али Ахмети) и Невзат Бејта (експратеник и ексградоначалник од ДУИ)“, велат од Левица. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, денеска на новинарско прашање изрази резервираност за новоизбраниот шеф на Обвинителството за организиран криминал, Ислам Абази.
