И ДЕЛ ОД ВОЈНИЦИТЕ ДА СЕ СПРАВУВААТ СО ПОЖАРИТЕ - Владата прогласи клризна состојба од 30 дена
Владата на денешната седница, која стартуваше уште рано утрово во 8.30 часот преку видеоконференциска врска, донесе Одлука за постоење кризна состојба на територијата на земјава во траење од 30 дена.
Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чии членови на седницата која се одржала вчера го прифатиле предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење на кризна состојба на територијата на земјава, заради зголемена појава на пожари.
„Одлуката за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати институции, заради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење.
За Одлуката, ќе се извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието.
Заради операционализирање на Одлуката, Владата донесе заклучоци:
На Претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во справување со кризната состојба,
Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.
Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство со сите останати засегнати државни институции, како и општините, да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба,
Владата го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на Република Северна Македонија“, се вели во владиното соопштение.
