И Борисов се огласи за „бугарскиот пасош“ на Груевски
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски ниту барал, ниту пак му е издаден бугарски пасош, изјави премиерот Борисов пред новинарите по состанокот во Советот на министри со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, пишуваат бугарските медиуми.
На почетокот на декември ќе се одржи заедничка владина средба помеѓу Бугарија и Македонија. Тоа ќе се совпадне со отворањето на дел од автопатот Струма помеѓу Кресна и Сандански, објави премиерот на Бугарија.
Борисов важи за еден од почитуваните премиери во Европската унија. Сепак муабетот со бегалецот Груевски воопшто не му одеше.
При една прилика тој дури искоментира дека воопшто не комуницира со Груевски ниту пак сака добар ден да му каже.
– Кој што ме познава, знае дека со Груевски не зборувам. Не сакам ни добар ден да му кажам. Тие што ме познаваат, знаат дека избегнувам секаква средба – рече при една прилика Борисов, додавајќи дека Груевски повеќепати барал да се сретнат.
Имено, премиерот Заев денеска е во Софија каде ќе учествува на StartUp Europe Summit.
На Самитот е најавено учество на премиери од Западен Балкан, како и комесарката за дигитална економија и општество во ЕК, Марија Габриел.
