И Алијанса на Таравари го оспорува законот за „Безбеден град“ пред Уставен
И Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари поднесе иницијатива до Уставниот суд со која се оспорува уставноста на измените на Законот за прекршоци. На два дена пред почетокот на системот „Безбеден град“, ова е трета ваква иницијатива.
Пратеникот Халил Снопче рече дека го оспоруваат Законот во делот на нееднаквата примена на системот „Безбеден град“ бидејќи тој ќе се спроведува само во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10, а не и на целата територија на земјава.
Иницијативата ја поднеле денеска бидејќи чекале Законот за прекршоци и официјално да стапи во сила.
„Членот 9 од Уставот гарантира еднаквост на сите граѓани. Примената само во три града не нуди еднаквост на граѓаните“, кажа Снопче.
Уставниот суд веќе формира предмет по иницијативите на Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села и од Илир Пачуку во кои се оспоруваат измените на Законот за прекршоци, во делот кој се однесува на воспоставувањето и функционирањето на електронскиот систем за надзор во сообраќајот, познати како „Безбеден град“.Од власта соопштија претходно дека целта не им е да казнуваат, туку да спасат животи преку „Безбеден град“.
