Хрватскиот експерт кој ќе го реформира македонскиот Судски совет се сретна со Грковска
Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, вчера попладне остварила средба со експертот за правни прашања Бранко Хрватин, чиј тим треба да го реформира Судскиот совет и веќе ја заврши оценската мизија.
Хрватскиот врховен судија ја раководеше оценската мисија на ЕУ, што се реализираше изминатава недела, по што се очекува да предложи краткорочни и среднорочни мерки за реформа на Судскиот совет.
Ангажманот на тимот на Хрватин е да ја детектира слабостите во работата на Судскиот совет, но и да достави препораки кои за нашата држава ќе бидат основа за натамошни реформи.
Грковска повтори дека, за жал, Судскиот совет како една од најважните институции која треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, го изгуби кредибилитетот и нагласи дека мора да се преземат итни мерки за надминување на оваа состојба.
„Вицепремиерката Грковска му достави на Хрватин документ во кој се наведени конкретни слабости што Кабинетот за политики за добро владеење ги детектираше во функционирањето на Судскиот совет, а кои во еден дел се однесуваат на унапредување на мерит системот и на критериумите за избор на судии, унапредување на транспарентноста при изборот, како и низа други решенија во насока на зајакнување на независноста на оваа институција“, соопшти кабинетот на вицепремиерката.
Правниот експерт Хрватин истакна дека во рамките на оценската мисија тој и неговиот тим имале низа средби преку кои детално се запознале со состојбите во оваа институција. Следува процесот на подготовка на извештајот, по што се очекува да бидат доставени препораките кои ќе содржат конкретни предлози за реформи на краток и на среден рок.
