Ховит: ЕУ и меѓународната заедница нема да поддржат одложување на изборите
Извештајот на Европската Унија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите ќе биде објавен кон крајот на месецот, изјави денеска во Скопје европратеникот Ричард Ховит.
Тој се збогува со Македонија, земја за која беше известувач, а за извештајот вели дека ќе бида објавен навреме. За тоа дали е можно повторно одложување на изборите, Ховит рече дека договорот треба да се почитува.
„Европската Унија и меѓународната заедница нема да го поддржат одложувањето на изборите. Треба да се почитува тоа што е договорено“ – рече Ховит.
Во врска со изборите и со одредениот датум, 11 декември, Ховит истакна дека политичките партии се тие што го одредуваат датумот, а граѓаните ја носат одлуката.
Датумот на изборите, според него, не треба да биде издвоен од квалитетот на изборите, односно тие треба да одат во пакет. Додаде дека ЕУ, ОБСЕ и претставници од меѓународната заедница ќе ги следат изборите.
Во однос на можните последици од одложувањето на изборите, тој кажа дека тие веќе се присутни и се чувствуваат.
„Последиците од ЕУ веќе постојат, ние не сакаме да се закануваме, но средствата од претпристапните фондови се повлечени, безусловната порака веќе е условена, а таква најверојатно ќе биде и оваа. Очекувам изборите да бидат на 11 декември и да бидат вистински одраз на волјата на народот“ - вели Ховит.
Тој истакна дека за време на својата посета имал средби со политичари, претставници од граѓанските организации и со специјалната обвинителка, Катица Јанева. Тој ја повтори поддршката на ЕУ за СЈО и за тимот на Јанева и порача дека не треба да се врши притисок врз нејзиното работење.
