ХОТАМ: Ќе треба да се испрати порака дека туристот е безбеден во Македонија
Упадот во Собранието е една многу лоша слика за светот која дефинитивно ќе се одрази со откажувања на аранжмани во сезона лето 2017, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ за Фактор.
Засега откажаните аранжмани не се многу, но оваа појава може да биде алармантна. Крвавите фотографии од тепани македонски пратеници во Собранието го обиколија светот и ја прикажаа Македонија во многу лошо светло. Последните два дена земјата е топ тема во многу влијателни медиуми, но по вандализам, насилство, хаос, нереди. Угледот на државата е сериозно нарушен. Ова може да го погоди македонскиот бисер Охрид, но и другите места нема да бидат поштедени.

„Во моментов за првомајските празници процентот на откажани резервации е минимален за хотелските сместувачки капацитети. Но, можеме да видиме дека месец мај веќе има откажувања, најмногу од соседните земји. За остатокот од сезоната се надеваме дека ќе се стабилизира политичката ситуација и ќе почне да функционира Владата. Ќе треба да се испрати една позитивна порака дека туристот е безбеден во Македонија. Ако ова не се случи во следниов месец ќе имаме големи економски проблеми во сите сектори, не само во туризмот. Ние укажувавме на смиреност баш поради овие проблеми што ни се случуваат во последниве години пред почеток на туристичка сезона“ – вели Блажески.

Српските медиуми веќе пишуваа дека ако кризата во Македонија не се реши, во текот на сезоната ќе ја одминат Македонија. Тие до Грција ќе патуваат преку Бугарија, при што патот ќе биде подолг за 40 км. Сепак, и странците признаваат дека не би патувале во земја која не е безбедна.
„Прво добро би ја проучила ситуацијата, а без тоа не би одела. Сега поради моменталната ситуација би почекала да видам како ќе се одвиваат работите. Како што гледам работите се на граница, и треба да се види во која насока ќе оди тоа“ – вели Ивана Туцак од Солин, Хрватска.
За промоција на туризмот државата потроши огромни суми за рекламирање во светски медиуми, со цел да привлече повеќе туристи и да ги презентира убавините на Македонија.
Сања Атанасовска
