ХОСТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА: Имаме ли доволно или ни фалат?
Во земјава бројот на туристи расте, а хостели има претежно во главниот град, но не и во другите региони и градови од Македонија.
Луѓето кои се добро упатени во туристичката дејност, велат дека во денешно време сè почести се индивидуалните патувања, а ако сакаме развој на туризмот, мора да имаме и поголема понуда на хостели. Луѓето бираат град кој сакаат да го посетат, и по пат на интернет резервираат сместување.
Биљана Пејоска Ристеска, извршен директор на Стопанска Комора за Туризам на Македонија објаснува дека со оглед на тоа дека југозападниот регион е еден од најпосетуваните и најбарани во понудите на туристичките компании од Македонија, а и по број на ноќевања предничи пред останатите региони во државата, секако дека потенцијалот за отварање на хостели како сместувачки капацитети е во тој регион најголем. Вели дека со нивно зголемување, но и промовирање би се привлекле оние туристи и посетители кои преферираат индивидуална организација на патување што понатаму како искуство би се применило и во другите региони на Македонија. Таа наведува дека со поголема промоција би се надминале и предрасудите кои некои потрошувачи во туризмот ги имаат кон овој вид на сместувачки капацитети.

Но, има и ентузијастички обиди да се создаде хостел, и успешно да работи и во малите места. Таков е примерот на Стевче Доневски од Кратово кој од 2009 година има хостел, и вели дека гостите ги пречекува со љубезност, насмевка, а нуди и чаеви, мед, сирење, црн леб, кцана сол која ја прават веќе 250 години традиционално.
Доколу има потреба Доневски ги шета туристите до музејот, до црквите во Кратово, или до манастирот во Лесново.

„Кратово има кули, мостови, историја, гастрономија. Има вкусна храна, ракија, компоти, ајвари, мед, чаеви. Некогаш имало сараи, потоа анови, денес има Етнокуќа хостел. Јас имам гости од целиот свет, Англија, Холандија, Чешка, Полска, Словачка“ – вели Доневски.

Доневски е жива енциклопедија кога е во прашање неговиот град, а за гостите кои го посетуваат неговиот хостел вели дека најдобрата реклама е позитивното искуство кое се пренесува од задоволен посетител на друг потенцијален турист и така бројот на гости расте.
Сања Атанасовска