Холандскиот парламент денес носи одлука за старт на преговорите со Македонија
Парламентот на Холандија денес треба да одлучи дали ќе даде зелено светло запроширувањето на Европската унија и одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија за пристапување кон Унијата.
Ова го објави холандската телевизија НОС која наведува дека двете земји повеќе години работат на добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, но засега тие се оставени на чекање, додека ставот на Холандија е дека земјите, особено Албанија, се уште не се целосно подготвени.
Во пресрет на дебатата, шефот на холандската дипломатија Стеф Блок, испрати писмо до Парламентот во кое, меѓу другото оценува дека холандската влада ја дели оценката на Европската комисија за нашата земја.
– Холандската влада ја дели оценката на Европската комисија дека Владата на Северна Македонија презеде многу позитивни чекори во изминатата година. Договорот од Преспа е пример за регионот и преземени се видливи чекори во реформската агенда. Продолжувањето на случаите на СЈО е обезбедено со нивниот трансфер во Јавното обвинителство. Значаен чекор што треба да се преземе е усвојување на закон што ќе гарантира независно гонење на можна идна корупција на највисоко ниво, пишува во Блок во писмото до параламентарците.
