Холандскиот амбасадор во Скопје: Димитров е во право за нецелосното спроведување на Преспанскиот договор
Дирк Јан Коп, новиот холандски амбасадор во Скопје, во интервју за Радио Слободна Европа потврди дека Никола Димитров, министерот за надворешни работи, е во право кога вели дека Преспанскиот договор, според одредбите за внатрешна употреба, нема да може да се спроведе за делот ерга-омнес затоа што е врзан со интеграциите во ЕУ, односно преговорите со Брисел.
„Да, она што Никола Димитров најверојатно го рече се однесуваше на техничките одредби во Договорот од Преспа кои зависат од преговорите со ЕУ. Ако зборува за техничките одредби во договорот, тој е во право. Тие ќе треба да чекаат и мислам дека на тоа мисли“, одговара Јан Коп.
Смета дека не треба да се драматизира тоа што Македонија не доби датум за отпочнување на преговорите со ЕУ, туку да се продолжи со реформите, бидејќи како што вели тој, приближувањето не зависи од тој чин.
„Она што се случи на последниот самит на ЕУ е разочарување, но не е драма. Она што треба да се случи е да продолжиме. Позицијата на мојата земја Холандија не е променета. Ние бевме за започнување на пристапните преговори и сè уште сме. Нашата цел, намери, проекти и процеси ќе останат исти, а тоа е да се придвижи оваа земја поблиску до ЕУ и во одреден момент да влезе во ЕУ. Тој момент претпоставувам не е толку далеку. Не зависи само од нас. Зависи и од другите земји членки. Но, важната порака во овој момент е продолжете. Продолжете со реформите. Продолжете да ја носите земјата поблиску до тој момент кога ќе може да ги започнете преговорите и што повеќе направите сега, помалку ќе треба да направите кога ќе започнат преговорите. Стартот на преговорите ќе биде само почеток на долг процес за кој ќе бидат потребни многу години. Така што јас ќе кажам не очајувајте, ќе се случи, а во меѓувреме продолжете со реформите“, изјави дипломатот на едно од прашањата во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Јан Коп вели дека се уште нема јасна претстава за конкретно што е тоа што ќе го бара Франција од Северна Македонија и Албанија со новата методологија за проширување и единствено што претпоставува е дека Париз најверојатно има на ум да постави повеќе услови и да го направи процесот реверзибилен.
„Французите зборуваат за ревизија на методите и процедурите, но ние не сме виделе некакви конкретни предлози во овој момент. Кога Французите ќе дојдат со предлози, ние ќе ги разгледаме и ќе видиме што мислиме за нив. Исто така мислам дека владите кои се инволвирани, вашата, Албанија, исто така Србија, Црна Гора ќе формираат мислење за овие процедури, но вашиот премиер веќе кажа дека тој не е против промена на процедурите кога ќе започнат пристапните преговорите. Но, според нашето гледиште, едното не зависи од другото“, вели тој.
