Холандија побара ЕУ да ги започне преговорите со Скопје и Тирана
Кабинетот на премиерот Марк Руте го извести холандскиот парламент дека на состанокот на Советот за општи работи во ЕУ, што ќе се одржи на 22 јуни, холандската влада има намера да го поддржи усвојувањето на рамката за преговори и одредување на датум за одржување на првата меѓувладина конференција со Скопје и Тирана.
Во однос на Северна Македонија, позицијата на Холандија не отстапува од позитивната одлука донесена во март минатата година, односно холандската влада ќе побара пред европските партнери првата меѓувладина конференција да се одржи веднаш по одобрувањето на рамката за преговори.
Постои разлика во однос на Албанија, бидејќи минатата година Холандија се спротивстави на отворањето на преговорите со оваа земја. Ставовите кон Албанија се напишани во посебен документ на 11 страници, во кој меѓу другото се вели дека за разлика од минатогодишниот скептицизам, Холандија сега смета дека е постигнат доволен напредок и дека се исполнети неопходните услови за почеток на преговорите со Тирана
Конечните позиции на Холандија во врска со проширувањето на ЕУ ќе бидат утврдени по парламентарната расправа што ќе се одржи на 16 јуни, иако ставовите на Собранието не се обврзувачки за владата, но обично се почитуваат од извршната власт.
