Хојт Ји за грчка АМНА: Решение за името ќе има догодина
Високиот претставник на Стејт Департментот Брајан Хојт Ји во интервју за грчката новинска агенција „АМНА“ посочи дека гледа можност за решавање на спорот за името во текот на 2018 година откако ќе се создадат услови во двете земји.
„Верувам дека Атина и Скопје имаат одлична можност да го решат прашањето со името во 2018. Лидерството и добрата волја што ги покажаа двете влади во ова прашање се охрабрувачки. Преговорите ќе бидат тешки и двете страни ќе треба да направат компромиси, но почетните консултации, под медијаторство на специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, се чини дека беа конструктивни. Продолжуваме да го поддржуваме процесот во Обединетите Нации и ги охрабруваме двете земји да преговараат со добра верба, со посредство на Нимиц“ вели Ји.
Според него, охрабрува позитивниот тон што го гледа од македонскиот премиер, особено во однос на подобрување на односите со соседите.
„И двата круга на локалните избори кои неодамна се одржаа беа многу конкурентни и се одржаа во клима на почитување на основните слободи. Гласот на народот на земјата беше силен и јасен, потврдувајќи ја јавната поддршка на промените што ги претставува владата на Заев. Премиерот Заев има јасен мандат да продолжи со промовирање на клучните реформи“ додава Ји.
Во однос на шпекулациите и информациите во медиумите дека тој би можел да биде нов американски амбасадор во Македонија, Ји вели дека не постојат такви планови, бидејќи Белата куќа е единствена надлежна за тие прашања и до сега нема соопштено ништо такво.
