ХИБРИДНИОТ ИМУНИТЕТ ОД ПРЕЛЕЖУВАЊЕ И ВАКЦИНИРАЊЕ Е КЛУЧОТ ЗА КРАЈ НА ЕПИДЕМИЈАТА: Професорот Трајковски со нова анализа
Суперимунитетот, односно
хибридниот имунитет од прележување и вакцинирање најверојатно е клучот за сопирање
на епидемијата, како што пред извесно време кажа директорот на институтот „Роберт
Кох“ од Германија, наведува во последната анализа за состојбата со корона
вирусот во земјава професорот Дејан Трајковски
-Во Македонија веќе има голем процент на население коешто прележало (лабораториски потврдено и непотврдено), коешто ИСТОВРЕМЕНО е и вакцинирано, т.е. поседува суперимунитет. Тие го претставуваат главниот бедем за сопирање на епидемијата, бидејќи заштитата кај нив е подолготрајна, во однос на заштитата само од прележувањето или само од вакцинирањето поединечно. Кон нив секако треба да ги додадеме и вакцинираните со три дози и два пати прележаните (реинфицираните). Зошто анализата на ефективноста ова не може да го утврди? Од едноставна причина што немаме статистика за тие со суперимунитет, туку само за прележани/непрележани и вакцинирани/невакцинирани. Понатаму, пресметките на ефективноста покажуваат само колку е помал ризикот на една во однос на друга група (на пример прележани во однос на непрележани, односно вакцинирани во однос на невакцинирани). Таквите пресметки не кажуваат колкави се шансите за заразување, туку само сооднос на ризици (диференцијално) помеѓу групите. Во секој случај, со секој нареден бран и секој нареден сој, расте уделот на лица со хибриден имунитет (суперимунитет), благодарение на што епидемијата НЕ се враќа на почетокот, туку само бара допрележување (по втор пат, кај еднаш прележаните или вакцинираните) за да постигнат подолготраен, суперимунитет.
Од овие причини е добро секој непрележан прво да биде вакциниран, па само со едно прележување да достигне суперимунитет (хибриден имунитет). Подобро и побезболно е така, наместо обратното (прележување па вакцинирање), за да организмот го поднесе (и преживее!) заразувањето полесно. Од друга страна, вакцинирањето после прележувањето исто така има смисла, затоа што веројатно исто така води до суперимунитет, па се намалуваат шансите за второ заразување во догледно време. Зборуваме во просек, затоа што секогаш ќе има лица прележани и вакцинирани коишто ќе се реинфицираат, но во многу помал процент, наведува професорот Трајковски.
