Хелсиншки реагира - Има ли пропуст со нападот врз полицајката?
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија реагираат за вчерашниот напад над полицајката од страна на Бекир Асани, функционер на ДУИ. Имено, денешниот исказ на полицајката кој излезе во јавност е дека постоел само вербален напад врз неа и дека таа самата се здобила со повреда при удар во специјалното возило „пајак“.
Тие потенцираат дека министерството за внатрешни работи против Бекир Асани поднело прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир, наместо кривична пријава за кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста”.
„Согласно изјавата на полицајката, таа била вербално нападната додека ја вршела својата должност на проверка и контрола на неправилно паркирани возила меѓу кои било и возилото на напаѓачот, Бекир Асани. По агресивното однесување и вербално напаѓање, од страна на полицајката било повикано засилување, а подоцна и медицинска помош, бидејќи како што таа кажува самата се удрила со левата рака во возилото од пајак службата. Со овој опис на настаните, сметаме дека исполнето е битието на кривичното дело ‘Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста’“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.
Од Хелсиншкиот комитет потенцираат дека според законот за напад се смета и заканата, малтретирањето и навредата.
„Тој што ќе нападне или сериозно се заканува дека ќе нападне службено лице или лице кое помага при вршење работи на јавната безбедност, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Во став 2, пак се наведува: „aко при извршувањето на делото од став 1 сторителот се заканува со употреба на оружје или друго опасно орудие, го малтретира или го навредува службеното лице или лицето кое помага или телесно го повреди, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“.
„Останува прашањето зошто МВР нема поднесено кривична пријава против лицето Бекир Асан за кривично дело ‘Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста’ од член 383 од Кривичниот законик, имајќи предвид дека исполнето е битието на ова кривично дело“, истакнуваат оттаму.
Тие упатуваат и прашање што всушност има преземено Секторот за внатрешна контрола во врска со овој случај, односно дали е разговарано со нападната полицајка и што е утврдено од разговорот со неа.
„Напоменуваме дека напаѓањето на полицајката и третирањето на овој случај повлекува и прашања за справувањето со случаите кога се работи за жени припаднички на полицијата и повлекува во најмала рака сомнеж за заштитата која им се дава на полицајките. За овие прашања Хелсиншкиот комитет ќе се обрати и писмено до МВР и Секторот за внатрешна контрола, а во меѓувреме исконтактирана беше и Секцијата на жени при Македонскиот полициски синдикат и понудена беше правна помош за случајот од страната на правниот тим во Комитетот“, се наведува во соопштението.
