Економија, финансии, бизнис

Контакт

Хантавирус, ИЈЗ уверува – нема ризик за Македонија

Хантавирус, ИЈЗ уверува – нема ризик за Македонија

Институтот за јавно здравје ја следи состојбата поврзана со пријавениот мултинационален кластер на случаи на инфекција со хантавирус поврзан со патување на крузерот MV Hondius во регионот на јужниот Атлантски Океан.

Според информациите објавени од Светската здравствена организација (WHO), Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) и националните здравствени власти на засегнатите земји, досега се регистрирани 8 потврдени како и сомнителни случаи кај патници и членови на екипажот, вклучително и 3 смртни исходи.

Епидемиолошките, клиничките и лабораториските испитувања се во тек, а меѓународните здравствени институции спроведуваат координирана истрага со цел утврдување на изворот на инфекцијата, можниот начин на изложеност и проценка на ризикот.

Според моментално достапните информации, изложеноста најверојатно е поврзана со активности и престој во области каде постои природно присуство на глодари – природни резервоари на хантавирусите. Во тек е дополнителна анализа за утврдување на точниот тип на вирусот и евентуалните фактори кои придонеле за појавата на кластерот.

Во овој момент нема регистрирани случаи, патници или блиски контакти поврзани со Македонија, ниту постојат индикации за ризик по јавното здравје во државата.

Хантавирусите претставуваат група на зоонозни вируси кои циркулираат кај различни видови глодари. Луѓето најчесто се инфицираат преку вдишување на аеросоли контаминирани со урина, измет или секрети од инфицирани глодари, како и преку директен контакт со контаминирани површини.

Ограничен пренос од човек на човек е документиран само кај одредени типови на хантавирус и се смета за редок.

Заболувањето може да се манифестира со различна клиничка слика, од лесна фебрилна болест до потешки форми со зафатеност на бубрезите или белите дробови. Клинички најчесто се манифестира во два основни синдроми:

– хеморагична треска со бубрежен синдром
– хантавирусен белодробен синдром

Хеморагичната треска со бубрежен синдром претежно се јавува во Европа и Азија, а е предизвикана од вируси како Hantaan, Dobrava-Belgrad и Puumala. Болеста обично започнува нагло, со висока температура, главоболка, болки во грбот и стомакот, како и општа слабост, а подоцна се развива бубрежен синдром (намалено или прекинато излачување на урина) и хеморагичен синдром (зголемена пропустливост на крвните садови и крварења). Смртноста е релативно ниска и се движи од 1% до 15%.

Хантавирусниот белодробен синдром, познат и како кардиопулмонален синдром, се јавува главно во Северна и Јужна Америка и најчесто е поврзан со Sin Nombre вирусот. Почетните симптоми се неспецифични и потсетуваат на грип, но брзо се развива респираторна инсуфициенција. Смртноста е значително повисока и може да достигне 30% или повеќе.

Кај повеќето хантавируси во Европа не е докажан пренос меѓу луѓе. Инфекцијата речиси секогаш се случува преку контакт со излачевините од заразени глодари. Исклучок е Andes вирусот во Јужна Америка, каде е потврден ограничен пренос меѓу луѓе при близок контакт.

Не постои специфична антивирусна терапија или вакцина за хантавирусна инфекција. Лекувањето е супортивно. Превенцијата зависи од намалување на контактот со глодари и нивни излачевини.

Според моменталните проценки, ризикот за пошироката популација останува низок.

Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болести не препорачуваат воведување дополнителни рестрикции за патување или трговија. Сепак, се препорачува зголемена внимателност при престој во области каде постои ризик од изложеност на глодари.

Институтот за јавно здравје останува во постојана комуникација со меѓународните здравствени мрежи, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови сознанија.

Одделението за вирусологија при ИЈЗ располага со реагенси за детекција на оваа група вируси.

Фото: СЗО



Слично

Поврзани вести