Хан: Македонија да не чека само на ЕУ, туку и да работи
Еврокомесарот Јоханес Хан чија надлежност е токму соседската политика и проширувањето на ЕУ е уште еден од европските политичари кој се обидува да даде позитивни пораки за евроинтеграцијата на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. Според него следните две години ќе бидат добри за проширување, пренесува австрискиот весник „Виенер цајтунг“. Во 2018 со ЕУ ќе претседава Бугарија, па Австрија, а потоа следи и Романија, сите три земји кои што се залагаат за влез на Западен Балкан во ЕУ.
– Европската комисија во следните години гледа нови шанси за приближување на Западен Балкан кон ЕУ, наведува австрискиот весник додавајќи дека ентузијазмот може да донесе и вознемирувања.
Земјите треба да се посветат на понатамошните реформи и дека шансите на Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово се подобри отколку пред година ипол.
Сепак, Хан тврди дека балканските земји не треба само да чекаат бидејќи во процесот на приближување кон ЕУ треба да се даде допринос со своите реформски напори.
Во мај во Софија би можело да се одржи голема конференција на темата проширување на ЕУ со Западен Балкан каде што ќе биде презентирана стратегија за проширувањето, а Хан верува дека треба и внатре во ЕУ да се објасни значењето на проширувањето.
