Хан бара целосна поддршка на работата на СЈО
Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан на денешната средба во Брисел со вицепремиерот задолжен за европски прашања Арбр Адеми побарал континуирана и соодветна политичка и институционална поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство.
И Хан и Адеми ја поздравиле оцената на политичките лидери за исполнување на предусловите за спроведување на изборите во декември како позитивен исчекор кон разрешување на долготрајната политичка криза во земјата.
Меѓудругото разговарале за неопходноста интензивно да се работи на спроведување на Итните реформски приоритети, со оглед на тоа што се однесуваат на области кои се клучни за владеењето на правото, особено делот на судството и јавната администрација, целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор.
Во однос на прашањето на миграцијата. вицепремиерот Адеми и комесарот Хан се согласија дека е потребно да има зајакната соработка и размена на информации меѓу земјите од регионот и ЕУ, со цел подобро да се координираат активностите и да се избегнат ситуациите со зголемен прилив на мигранти и да се намали појавата на нелегална миграција.
