Економија, финансии, бизнис

Контакт

Хакерски напад на Booking.com: Нов бран измами – „киднапирање резервации“ ги демне туристите

Хакерски напад на Booking.com: Нов бран измами – „киднапирање резервации“ ги демне туристите

Голем безбедносен пробив во платформата Booking.com отвори нов бран на измами, познати како „киднапирање на резервации“, предупредуваат експертите за сајбер безбедност.

Според информациите, хакери успеале да дојдат до податоци на корисници, што може да доведе до зголемен број измами во кои туристите се доведуваат во заблуда да им испратат пари на криминалци. Дел од корисниците веќе пријавиле дека добиле сомнителни пораки.

Од Booking.com потврдуваат дека забележале „сомнителна активност која зафатила одреден број резервации“ и дека веднаш презеле мерки за ограничување на проблемот. Компанијата дополнително ги ажурирала ПИН-кодовите за резервации и испраќа предупредувања до засегнатите корисници.

Сепак, од компанијата не откриваат колку лица се погодени ниту во кои региони.

Хакерите, според достапните информации, дошле до имиња, е-пошта, телефонски броеви и детали за тековни и минати резервации. Финансиските податоци, според компанијата, не биле компромитирани.

Експертите предупредуваат дека токму овие податоци се исклучително вредни за измамниците. Тие сега можат да контактираат корисници претставувајќи се како хотели и да бараат дополнителни плаќања за наводни проблеми со резервацијата.

– Овие измами постојат одамна, но новите податоци ги прават многу поопасни, бидејќи криминалците можат да користат реални информации – вистински хотел, точни датуми и контакт детали – за измамата да изгледа како редовна комуникација – вели Луис Коронс од компанијата Norton.

Booking.com апелира до корисниците да бидат внимателни и да не споделуваат финансиски податоци преку е-пошта, телефон, WhatsApp или пораки.

– Компанијата никогаш нема да побара податоци за кредитна картичка преку овие канали, ниту да бара плаќање кое отстапува од условите наведени во резервацијата – порачуваат од платформата.

Измамниците и претходно ја злоупотребувале платформата, најчесто преку пробивање на профили на хотели и испраќање лажни пораки до гостите. Но, со најновиот пробив, тие повеќе не мора да ги хакираат хотелите – директно можат да контактираат корисници со убедливи детали.

Според експертите, овој инцидент е сигнал за растечка закана во туристичката индустрија.

– Кога ваков пробив за неколку дена прераснува во организирани фишинг кампањи, тоа покажува дека не станува збор за случајност, туку за сериозна и координирана активност – предупредува Дарен Гучионе од Keeper Security.

Од Booking.com велат дека безбедноста постојано се подобрува, но признаваат дека „не постои едно решение кое целосно ќе ги елиминира ризиците“.


Слично

Поврзани вести