Економија, финансии, бизнис

Контакт

Гужва, ветувања и многу брендови – во Аеродром се отвори трговскиот центар „Капитол“

Гужва, ветувања и многу брендови – во Аеродром се отвори трговскиот центар „Капитол“
Со големи гужви во текот на целиот ден, бројни попусти, но и повеќе недовршени дуќани, денеска свечено беше отворен новиот трговски центар во Аеродром, Capitol Mall & Residence. Инвестицијата вредна 30 милиони евра е на инвеститорот Ајдован Адемовски. На отворањето пак присуствуваа и претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Никола Груевски. „Од идеја на хартија за само 18 месеци направивме објект со повеќе намени и разновидни содржини, комплекс, кој што, убеден сум, ќе стане препознатливо, модерно и пријатно место, не само за граѓаните на Аеродором, туку за сите кои живеат во Скопје и во Македонија. Нашиот „Capitol Mall & Residence" ќе го направи поубав и поквалитетен живот на градот во целина“, изјави на оторањето инвеститорот Адемовски. Трговскиот центар се простира на вкупна изградена површина од 33.500 квадрати од кои 12.500 м2 се за шопинг центарот, а 6.000 м2 се за резиденцијалниот дел на горните четири катови. Под објектот на три нивоа има паркинг простор со површина од 15.000 м2. На приземјето,  се наоѓа голем Рамстор супермаркет, каде денеска по повод отворањето имаше повеќе попусти, а бесплатно на купивачите се даваа и Рамстор картички со кои при идните пазарења се добиваат попусти. На приземјето има два кафе-бара со уредени тераси, менувачница и брз трансфер на пари, аптека, оптика, цвеќарница, продавница за органска храна, продавница за модни додатоци, телекомуникациски услуги, инфо центар, но и неколку продавници со реномирани интернационални модни брендови кои за прв пат доаѓаат на македонскиот пазар. Првиот кат има дополнителна разновидна понуда на познати модни марки, а вориот е наменет за облека и за играчки за деца,  мега продавница за спортска опрема, како и за новата понуда во интегрираното шопинг искуство – современиот финтес центар. Третиот кат е повторно резервиран за детскиот центар, но и за рестораните. Capitol Mall располага со свој бесплатен паркинг на три нивоа, со 450 паркинг места, како и со бесплатен Wi-Fi / интернет пристап низ целиот комплекс. Capitol Mall & Residence е домашна, македонска инвестиција, поддржана од домашните банки. На изградбата на објектот беа вработени преку 250 работници, од преку 50 компании, а центарот отвора и преку 500 нови работни места. Вечерва ескалаторите не го издржаа товарот на посетителите, па многумина мораа пеш да се качуваат кон горните катови.
Слично

Поврзани вести