Гуштеров за Фактор24: Скопје 2014 не е капитален проект, туку лечење на лични комплекси
Бизнисменот Ристо Гуштеров во гостувањето за емисијата Фактор24 говореше за економските реформи кои ќе мора да ги презеде новиот премиер Зоран Заев преку владината програма. Најпрво мора да се воведе владеење на правото, обезбедување на еднакви услови за домашните и странските инвеститори, зголемување на капиталните проекти и преиспитување на досегашните неефикасни трошоци.

- Треба да му се даде доволно време за после тоа да дадеме соодветна оценка. Во секој случај поддршката и од моја страна ако тоа нешто му значи ја има. Верувам дека ќе се зафати со коренити реформи и моја препорака во првите 6 месеци да ги спроведе заклучоците на Прибе што ќе биде значајно за стабилноста, смета Гуштеров за новиот владин состав.
За политиката на странски инвестиции Гуштеров вели: Треба уште повеќе да биде забрзан растот на странските инвестиции за раст на македонската економија, но и овде треба да има коренити промени. Треба да се има философија на рационално трошење, целосно испитување на институционалниот паралелизам со досегашниот голем број на министри, агенции и зони. Тоа е некотролирано трошење и не се знае кој пред кого одговара.
Гуштеров додава и дека проектот Скопје 2014-та не е капитален проект на Владата туку неразумно трошење на пари за задоволување на лични комплекси, затоа треба повеќе да се инвестира во инфраструктурата.
Целото интервју со Ристо Гуштеров во Фактор24, проект на веб сајтот faktor.mk кој се емитува секоја среда на Телевизија 24, погледнете го во продолжение.
