Гугучевска: Гласањето тече без прекин
Излезеноста до 13 часот според податоците добиени од општинските изборни комисии (ОИК) на територија на РМ изнесува 27,11 проценти. На ниво на Град Скопје е 29,17 проценти и е помала во однос на последните локални избори во 2013 година, соопшти на денешната втора прес-конференција портпаролот на ДИК Љупка Гугучевска.
На ниво на република највисока излезност од 47,53 проценти е забележана во Демир Капија, а најниска во Желино 17,71 процент.
Во скопските општини излезноста е следна: во Аеродром 33,97 проценти, во Бутел 28,44 проценти, во Гази Баба 29,34 проценти, во Ѓорче Петров 32,98 проценти, Карпош 34,64, во Кисела Вода 32,45 проценти, Сарај 20,31 процент, Центар 33,52 проценти, Чаир 21,88 проценти и во Шуто Оризари 19,16 проценти.
Во Скопје, според бројот на излезени гласачи, излезноста е највисока во Карпош 34,64, а најмала во Шуто Оризари 19,16 проценти.
ДИК во моментов е во постојано заседание, односно има седница на која сите предизвици кои се појавуваат во текот на гласањето се решаваат.
– Сите неправилности се отстранети и гласањето тече без прекин, рече Гугучевска.
Во 18 часот ќе следи и нова прес конференција на ДИК на која ќе бидат објавени информации за пресекот на гласањето до 17 часот.