ГРУЕВСКИ ЗА ВЕЧЕРЊИ ЛИСТ: Нема да прифатиме идеи кои би го загрозиле македонскиот идентитет
Во интервју за хрватски „Вечерњи лист“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, зборува за политичката ситуација во Македонија и вели дека нема да прифатат промена на Уставот направена со цел да се менува името на Македонија.
„Нема да прифатиме идеи и предлози кои би го загрозиле македонскиот национален идентитет, обележјето на македонскиот народ и нашиот јазик. Нема да дозволиме да биде прифатен каков било став од политичари поединци, влада или собрание, а без претходно за тоа по пат на референдум да се изјаснат македонските граѓани“ - изјавил Груевски.
Груевски објаснува дека Македонија е една од ретките, ако не и единствена земја во Европа, во која припадниците на етничките заедници уживаат големи права.
„Сакам да верувам дека сонот за „голема Албанија“ е само минато и дека единственото обединување на целиот регион ќе се случи во рамките на границите на европското семејство“ - додава Груевски.
Формирањето на новата влада во Скопје е од особен интерес за Тирана која ги „брани интересите на Албанците во Македонија“, вели Груевски коментирајќи ја платформата која според него е создадена во Тирана.
