Груевски за Јанкулоска: Ја разбирам, таа е притисната
Поранешниот македонски премиер кој како политички азилант престојува во Унгарија, Никола Груевски синоќа во интервју на телевизија Сител изјави дека не им се лути на неговите доскорашни блиски соработници за изјавите, со кои го осудуваат неговото бегство.
„Тоа само докажува дека луѓето се апсени по политичка одлука, а не по судска. Тие ни криви ни должни беа уапсени. Имав информација дека Миле Јанакиески и Кирил Божиновски биле ставени на список за притвор за предметот Талир, но вака добија притвор десетина дена порано“, рече Груевски.
Тој додаде дека неговите сопартијци биле под притисок.
„Не им се лутам, мораат така да кажат и јас ги разбирам. Ја разбирам и Јанкулоска, таа е притисната“, вели Груевски.
Рече дека без разлика што зборувала и мислела порано, сега ја разбира.
За тоа дали сега знае точно кои му се пријатели, Груевски рече дека мнозинството сепак му останале пријатели.
Груевски рече дека еден ден ќе се врати во Македонија.
